Другари и другарки од Синдикална вероисповест, Како вчера да беше денот кога една септемвриска вечер лето господово 2015-то Централниот Комитет на Синдикалната организација, на тајна седница у една меана го одржа првото заседание на КБС, на кое се испија неколку литри ракија, пиво и уиски, беше напишан Синдикалниот манифест и беше удрен камен темелникот на еден респектабилен мал естаблишмент кој со 4 гласа за и ниту еден против го доби името Синдикат, помеѓу народот познат и како Синди. 10 години подоцна, со суза у око, пеперутки у стомак и грутка во грло се сеќаваме на таа вечер додека со треперливи прсти го пишуваме овој текст со кој сакаме да ве поканиме на целодневна роденденска игранка и пијанка во сабота, 13-ти Септември со почеток точно на пладне. 10 години, исполнети со безобразно добри другарувања, пијанки, игранки, многу успони и по некој пад. Стекнавме еден куп нови познанства и пријателства и чат пат некое скарување. Преживеавме една пандемија, неколку сезонски грипови и стомачни вируси, две реконструкции на Орце Николов, ретрограден Меркур, помрачење Сунца, 2-3 крвави месечини, енергетска криза, инфлација, една нуклеарна хаварија, тсунами итн итн... и планот е уше најмалце десет години да бидеме тука, пошо ни е убаво со вас. 🥰🤘 По повод 10-тиот роденден решивме да направиме една целодневна игранка и пијанка. Почнуваме точно на пладне, местиме диџеј пулт, коктел станица, ладиме пива и текили и спремивме по некое поклонче за успомена и дуго сечање. За волшебна винил музичка селекција ќе бидат задолжени другарите: Вишко, Маци, Флудер, Песинџер, Чваре, Лефанк, Брув и Гејм Овер. Е па драги другари и каде каде подраги другарки, ни остана уште да ви кажеме дека ќе ни биде особено драго доколку ни се придружите на оваа роденденска журка, бидејќи без вас Синдикат немаше да биде тоа што е денес. Ве сака Синди ❤